Александар Лукашенко презеде чекори за да ја поврати контролата по десет дена улични протести и штрајкови, поттикнати од спорните претседателски избори, на кои тој наводно освоил над 80% од гласовите.
Во исто време, Европската Унија соопшти дека не ги признава резултатите од изборите, а со тоа и Лукашенко за претседател, најавувајќи дека ќе го притисне неговиот режим со санкции.
„Европската Унија се солидаризира со белорускиот народ. Изборите не беа ни фер ни слободни, ниту ги исполнија меѓународните стандарди. Не ги признаваме резултатите што ги објавија белоруските власти“, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, по вонредниот состанок на челниците на Унијата.
Ангела Меркел откри дека Лукашенко одбил телефонски да разговара со неа.
Лукашенко им нареди на безбедносните сили да ги задушат протестите во Минск.
„Веќе нема да има немири во Минск од каков било вид. Луѓето се уморни. Тие бараат мир и тишина“, кажа Лукашенко, додавајќи дека наредил зајакнување на граничните контроли „за да се спречи прилив на борци и оружје“.
Тој претходно ја обвини опозицијата дека сака со државен удар да ја преземе власта.