Александар Лукашенко ги отфрли повиците за одржување нови претседателски избори во Белорусија, додека во Минск десетици илјадници луѓе излегоа на најголемиот антирежимски протест досега.
Тој се случува една недела по изборите на кои што, според државната изборна комисија, Лукашенко освоил над 80% од гласовите, додека опозицијата го обвини за местење. Паралелно со „Маршот за слобода“, Лукашенко се обрати пред неколку илјади свои приврзаници, при што демонстрантите ги нарече стаорци.
„Белорусија ќе умре како држава ако има нови избори. Вие се собравте денеска зашто за првпат во четврт век треба да ги браните вашата земја и вашата независност“, кажа Лукашенко на контрапротестот.
Тој изрази загриженост за воените вежби во соседните Полска и Литванија, додека НАТО негираше дека трупа свои сили на западната граница на Белорусија.
„Мултинационалното присуство на НАТО во источниот дел на алијансата не е закана за ниедна земја. Тоа е строго дефанзивно и пропорционално и има за цел да спречи конфликт и да го зачува мирот“, изјави портпаролката на НАТО Оана Лунгеску, додавајќи дека се следи ситуацијата во Белорусија.
Белоруската армија објави дека планира да одржи вежба од 17 до 20 август во регионот кој граничи со Полска и Литванија.
Лукашенко вчера и денеска телефонски разговарал со Владимир Путин, кој кажал дека ако има потреба, Русија е подготвена да ѝ помогне на Белорусија согласно колективниот воен пакт.