Белорускиот претседател Александар Лукашенко објави дека наредил распоредување на војската заедно со руските сили долж границата со Украина, како одговор на „јасна закана од Киев и неговите западни помагачи кон Белорусија“.
„Во Украина не само што се дискутира за напади на територијата на Белорусија, туку и се планираат. Нивните сопственици ги притискаат да почнат војна против Белорусија и да ја вовлечат во конфликтот“, изјави Лукашенко без да изнесе докази.
Тој се огласи по денешните разговари со Владимир Путин во Санкт Петербург.
„Се подготвуваме за ова со децении. Ако биде потребно, ќе одговориме“, рече белорускиот лидер.
Тој откри дека Белорусија добила предупредување преку неофицијални канали дека Украина планира „Кримски мост 2“, алудирајќи на нападот што се случи викендов на единствениот мост што ги поврзува Русија и анектираниот полуостров.
„Мојот одговор до претседателот на Украина и неговите лудаци беше едноставен: ‘Ако допрете еден метар од нашата територија, кримскиот мост ќе изгледа како прошетка во парк‘“, кажа Лукашенко.
Белоруската војска располага со околу 60.000 војници, при што шест тактички баталјони беа распоредени во пограничните области во почетокот на годината.