Доналд Трамп изјави дека е лут на Владимир Путин и му се закани со санкции ако Русија ги блокира неговите напори за завршување на војната во Украина. Тој исто така кажа дека бил лут откако Путин неодамна го критикуваше кредибилитетот на Володимир Зеленски.
Трамп се закани дека во рок од еден месец би можел да воведе секундарни царини од 25% до 50% за купувачите на руската нафта, исфрустриран што нема напредок во постигнување примирје во Украина.
„Ако Русија и јас не можеме да постигнеме договор за крај на крвопролевањето во Украина, за што мислам дека е вина на Русија, ќе воведам секундарни царини за целата нафта што излегува од Русија. Тоа би значело, ако купувате нафта од Русија, тогаш не можете да работите со САД. Ќе има царини од 25-50% за целата руска нафта“, рече Трамп во интервју за „Ен-Би-Си њуз“.
Москва засега не ги коментираше овие закани на Трамп, кој најави дека планира повторно да разговара со Путин оваа недела.
„Путин знае дека сум му лут, но имам многу добар однос со него. Лутината може брзо да помине, ако тој ја направи вистинската работа“, додаде Трамп.
Во истото интервју, Трамп се закани дека ќе го бомбардира Иран ако не постигне договор со САД за неговата нуклеарна програма. Иран минатата недела кажа дека одбива директно да преговара со Вашингтон додека има притисоци и воени закани, но Трамп вели дека американски и ирански функционери се во контакт, без да открие детали.
„Ако не постигнеме договор со Иран, ќе има бомбардирање какво не виделе досега. Сепак, постои шанса и да воведеме секундарни царини, како што направив пред четири години“, кажа Трамп.