Претседателот на Венецуела Николас Мадуро предложи одржување предвремени избори за Националното собрание, како одговор на засилената опозиција, која преку Хуан Гуаидо се обидува да ја преземе власта во земјата, за што доби поддршка од голем број држави.
Обраќајќи им се на своите приврзаници, тој кажа дека провладиното уставно собрание сега треба да реши дали ќе го прифати неговиот предлог. Изборите за Националното собрание, кадешто контролата ја има опозицијата, не требаше да се одржат пред 2020.
Гуаидо, кој се наоѓа на чело на Националното собрание, ги предводи напорите да се симне Мадуро од власта, откако тој минатиот месец положи заклетва за втор мандат.
Десетици илјади луѓе денеска излегоа на улиците на Каракас и други градови на Венецуела, сметајќи дека се блиску до постигнување на својата цел.
„Верувам дека крајот на Мадуро е блиску, можеби, оваа недела“, изјави еден демонстрант.
Овој протест се одржа паралелно со маршот на приврзаниците на Мадуро, кој се одржа во центарот на Каракас.