Партијата на десниот центар Тиса, предводена од Петер Маѓар, има значајно водство во анкетите во пресрет на утрешните парламентарни избори во Унгарија, на кои што премиерот Виктор Орбан се соочува со губење на власта по цели 16 години.
Според анкетата на институтот „Публикус“, објавена од весникот „Непсава“, Маѓар има поддршка од 53% избирачи кои веќе одлучиле за кого ќе гласаат, додека 39% би гласале за Фидес на Орбан. Сепак, големиот број неодлучени гласачи значи дека исходот на изборите останува неизвесен.
Истражувањето покажа дека Тиса има поддршка од 38% од сите избирачи, а Фидес од 29%. Околу 25% од испитаниците рекле дека не одлучиле за кого ќе гласаат.
Ако победи, Маѓар најави дека ќе ја трансформира Унгарија, која повеќе се приближи кон Русија во изминатите години.
„Новата влада ќе донесе драматични промени, па така и во одбранбената политика на Унгарија, Тиса беше многу, многу отворена дека ќе го врати местото на Унгарија во западниот сојуз и ќе остане сигурен партнер во НАТО“, рече унгарската независна пратеничка Каталин Чех за сајтот „Политико“.



