Американскиот потпретседател Мајк Пенс се вакцинираше против ковид-19 пред ТВ-камери, по што на публиката и лекарите им кажа дека ништо не почувствувал.
Од Белата куќа соопштија дека ова има за цел да ги промовира безбедноста и ефективноста на вакцината и да ја засили довербата меѓу американскиот народ. Освен Пенс, вакцина прими и неговата сопруга Карен.
САД во понеделникот почнаа со имунизацијата на населението со вакцината на „Фајзер/Бионтек“, а се очекува наскоро да биде одобрена и вакцината на „Модерна“.
„Американскиот народ може да биде уверен: имаме една, а наскоро и две безбедни вакцини против ковид-19. Целта што утрово дојдовме овдека беше да ја зголемиме довербата на јавноста“, изјави Пенс.
Најавено е дека новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе се вакцинира следната недела.