Илон Маск го посети седиштето на „Твитер“, носејќи порцелански мијалник, додека се ближи крајниот рок за преземање на компанијата. Тој треба до утре да ја комплетира зделката вредна 44 милијарди долари, што ја најави пред неколку месеци, за потоа да се обиде да се откаже од неа.
„Влегувам во седиштето на Твитер! Нека слегне тоа малку“, напиша Маск на Твитер, правејќи игра на зборови која вклучува мијалник.
Судот во Делавер во почетокот на овој месец пресуди дека договорот за купопродажба на „Твитер“ мора да се реализира до 28 октомври. Ако крајниот рок не биде испочитуван, следниот чекор ќе биде судење во ноември.
Маск претходно најави дека ќе го посети седиштето на компанијата оваа недела, но во видеото што го објави не понуди доказ дека зделката е комплетирана. Тој кажа дека на оваа социјална мрежа ѝ се потребни значајни промени, а, според некои извори, тоа предвидува и големо кратење на работни места.