Илон Маск кажа дека претерал со некои објави за Доналд Трамп за време на нивната јавна расправија минатата недела и додаде дека жали за тоа.
Трамп и Маск разменија низа навреди и обвинувања на социјалните мрежи, што започна откако најбогатиот човек на светот го критикуваше новиот американски закон за буџетот, што не му се допадна на претседателот.
„Жалам за некои мои објави за претседателот Трамп. Претерав“, напиша Маск на Икс, не прецизирајќи на кои коментари мисли.
Маск во меѓувреме избриша некои свои објави, вклучувајќи ја онаа дека би поддржал отповикување на Трамп. Извори блиски на Маск рекле дека му поминала лутината и дека верува оти може да го поправи својот однос со Трамп.
Маск ја поддржа кампањата на Трамп со 250 милиони долари и потоа стана шеф на Одделот за владина ефикасност, кој ги предводеше напорите за кратење на администрацијата и федералните трошоци. Непосредно пред јавната кавга со Трамп, Маск објави дека ја напушта Белата куќа.