Шефот на сириска организација со седиште во САД изјави дека масовна гробница близу Дамаск содржи најмалку 100.000 тела на луѓе убиени од поранешниот режим на Башар ал-Асад. Муаз Мустафа кажа дека локацијата се наоѓа 40 километри северно од Дамаск и е една од петте масовни гробници идентификувани низ годините.
„Сто илјади е најконзервативната проценка. Тоа е крајно неправедна конзервативна проценка“, кажа Мустафа, шефот на Сириските сили за итни задачи.
Тој смета дека низ земјата има уште масовни гробници покрај познатите пет и дека во нив се закопани и британски и американски државјани.
Се проценува дека стотици илјади Сиријци биле убиени од 2011 година, кога Асад ги скрши антивладините протести, што се претвори во граѓанска војна. Групи за човекови права и други држави ги обвинуваа Асад и неговиот татко Хафез за вонсудски убиства и масовни егзекуции во озлогласениот затворски систем на земјата.
„Разузнавачкиот оддел на сириските воздушни сили беше задолжен за превоз на телата од болниците, каде што тие се собираа по мачењата до смрт, до масовните гробници. Разговаравме со луѓе кои работеле на овие масовни гробници откако успеале да избегаат од Сирија“, изјави Мустафа.