СПЕЦИЈАЛНО ЗА САКАМДАКАЖАМ.МК ОД МИНХЕН – ДАНИЕЛА СТОЈАНОВИЌ КАРГОВ
Масовниот убиец од Минхен, кој минатиот петок уби девет и повреди триесетина лица во трговски центар бил екстремен десничар и расист и мразел емигранти, откри баварската полиција. Осумнаесетгодишниот минхенец Давид Али Сонболи, чии родители се емигранти од Иран се чувствувал како ариевец. Блиски пријатели раскажале дека бил оспеднат оти е роден на 20 април, на ист датум кога бил роден и Хитлер.
На аматерска видео снимка што се појави по масакрот се слуша како тој се расправа со еден од околните станари и му вика: „Јас сум Германец“.
Баварската полиција излезе со детали дека на Давид му биле блиски ставовите на Хилер, а му се восхитувал на масовниот убиец од Норвешка Андерс Брејвик кој пред пет години застрела 77 тинејџери во младински камп.
Според досегашната истрага Давид Али страдал од писхичко растројство и неколку пати бил на клиничко – психијатриски третман. При една од посетите на клиниката се запознал со 16 годишен Авганистанец, за кој полицијата се сомнева дека ги знаел плановите на Минхенецот. Абганистанецот беше уапсен пред три дена, но поради недостиг на докази за директно учество во плановите за масовното убиство, тој беше ослободен.
Во Дуизбург беше уапсен уште еден малолетен Авганистанец за кого истрагата утврди дека имал интензивни чет контакти на Интернет со минхенскиот убиец. Кај овој тинејџер биле пронајдени патрони и ладно оружје, но евентуалната вмешаност во нападот од петокот се уште се истражува.
Во меѓувреме во Германија се вжештува дебатата околу мигрантите, бегалската криза, безбедноста на граѓаните и особено околу политиката „Добредојде“ на канцеларката Меркел, со која во земјата беа шрифатени милион бегалци од кризните жаришта.