Тринаесетгодишно момче почина, а уште четири лица се ранети во денешниот напад во североисточниот дел на Лондон, што го изврши 36-годишен маж кој носел меч. Полицијата кажа дека нападот не е поврзан со тероризам и дека напаѓачот е уапсен.
Очевидците кажаа дека напаѓачот носел голем самурајски меч и дека слушнале вресоци.
Петмина луѓе беа превезени во болница по нападот, а дополнително беше објавено дека 13-годишник им подлегнал на повредите. Во нападот се избодени и двајца полицајци, чии повреди се опишани како сериозни, но не и опасни по живот.
„Напаѓачот беше онеспособен со електричен пиштол и уапсен 20 минути откако го добивме првиот повик. Веруваме дека жртвите биле случајно избрани“, изјави шефот на локалната полиција Стјуарт Бел.