Маж загина на концертот на „Оејзис“ во саботата откако паднал од височина на стадионот „Вембли“ во Лондон. Полицијата кажа дека медицински лица реагирале по дојавата дека маж во 40-ти години е повреден.
„Тој беше пронајден со повреди соодветни на пад и беше прогласен за мртов на самото место“, кажа лондонската полиција.
„Оејзис“, кои пред неколку недели ја почнаа повратничката турнеја, соопштија дека се шокирани и тажни од веста за несреќата, чии околности не се познати.
„Стадионот беше преполн и веруваме дека голем број луѓе биле сведоци на инцидентот и можеби свесно или несвесно го снимиле со мобилен телефон“, соопшти полицијата.
Браќата Лијам и Ноел Галагер се обединија како „Оејзис“ по речиси 16 години пауза и во јули ја почнаа повратничката турнеја, при што седум пати го распродадоа капацитетот на „Вембли“.