Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, бившиот израелски министер за одбрана Јоав Галант и за воениот заповедник на Хамас, Мохамед Деиф, за кого израелската војска кажа дека бил убиен во јули.
Судиите кажаа дека постојат разумни основи дека тројцата сносат кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на војната помеѓу Израел и Хамас. Тие ги отфрлија обвинувањата.
Сега им останува на 124-те членки на судот да одлучат дали ќе ги спроведат налозите. Израел и САД не се членки на судот.
Во мај, обвинителот на судот Карим Кан побара апсење на Нетанјаху, Галант и на лидерите на Хамас, Исмаил Ханијех и Јахја Синвар, кои во меѓувреме беа убиени. Досега нема официјални докази дека и Деиф е мртов.
Случајот на обвинителството се однесува на настаните од 7 октомври 2023, кога Хамас упадна во јужниот дел на Израел, при што уби околу 1.200 луѓе и зеде 251 заложник. Израел одговори со воена акција за елиминација на Хамас, за време на која биле убиени најмалку 44.000 луѓе во Газа.