Мексико екстрадираше во САД 29 членови на наркокартели, вклучувајќи го озлогласениот наркобос Рафаел Каро Кинтеро, баран за убиството на американски агент пред 40 години.
Ова е една од најголемите екстрадиции во мексиканската историја и се случува откако Доналд Трамп најави дека новите царини за Мексико од 25% ќе стапат на сила на 4 март.
„Претседателот Трамп беше доволно јасен: наркокартелите се терористички групи и нашето министерство за правда е посветено кон нивното уништување“, изјави јавната обвинителка на САД Пем Бонди.
Кинтеро (72) е еден од основачите на картелот Гвадалахара и еден од главните играчи во создавањето на модерниот шверц на дрога во Мексико. САД го бараа за мачењето и убиството на агентот на ДЕА, Енрике Кики Камарена, во 1985 година. Кинтеро беше уапсен во тоа време и помина 28 години во затвор, пред да биде ослободен во 2013, што ги налути Американците. Тој повторно беше уапсен во 2022.
Меѓу екстрадираните е Антонио Осегера Сервантес, братот на најбараниот мексикански наркобос Немесио Сервантес, за кого САД распишаа награда од 15 милиони долари. Неговиот картел Халиско е најмоќниот во Мексико, заедно со Синалоа, кои се одговорни за ширењето на фентанилот на американските улици во изминатите години.