Мексиканскиот федерален суд ја запре екстрадицијата на синот на озлогласениот нарко бос Ел Чапо во САД, откако тој беше уапсен во операцијата на безбедносните сили во северно Мексико, при што загинаа 29 луѓе.
САД го бараат 32-годишниот Овидио Гусман-Лопес поради шверц на дрога и минатиот месец понудија награда од пет милиони долари за информација која би довела до негово апсење. Вашингтон го смета Гусман-Лопес за еден од водачите на моќниот картел Синалоа, што порано го водеше неговиот татко Хоакин Гусман, кој во 2019 беше осуден на доживотен затвор во САД.
Мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард потврди дека постои американски налог за апсење на Гусман-Лопес кој датира од 2019, но додаде дека негова екстрадиција засега не е можна.
Гусман-Лопес беше уапсен во четвртокот во Кулијакан и префрлен во главниот град Мексико, а како одговор на ова, бандите блокираа патишта, палеа возила и дури нападнаа локален аеродром. Во акцијата што била подготвувана шест месеци загинаа десет припадници на безбедносните сили и 19 члена на бандите. Покрај Гусман, биле уапсени уште 21 лице.
Американскиот Стејт департмент кажа дека Гусман-Лопес и неговиот брат Хоакин воделе 11 лаборатории за метамфетамин, во кои се произведувале меѓу 1.300 и 2.200 килограми од оваа дрога месечно.