Првата дама на САД Меланија Трамп го покренала прашањето за тешката положба на децата во Украина и Русија во лично писмо до рускиот претседател Владимир Путин, соопштија двајца претставници на Белата куќа. Претседателот Трамп му го предал рачно напишаното писмо на Путин за време на нивниот самит на Алјаска, каде што Меланија не отпатува.
Од Белата куќа не навлегоа во содржината на писмото, но некои рекле дека во него се споменуваат киднапирањата на деца за време на војната во Украина. Немаше најави дека Меланија Трамп ќе му пишува на Путин.
Украина тврди дека десетици илјади деца биле одведени во Русија или на окупираните територии без согласност од нивните родители или старатели, што се смета за воено злосторство. Москва претходно кажа дека им дава заштита на ранливите деца од воена зона.
Трамп и Путин разговараа речиси три часа во воена база во Енкориџ, без да постигнат значаен напредок околу војната во Украина. Тие дадоа кратки изјави по завршувањето на самитот, но не одговараа на новинарските прашања.