Ангела Меркел го обезбеди своето место во историјата уште кога стана првата германска канцеларка во ноември 2005 година. Во следните 16 години, таа ги крена угледот и влијанието на Германија, успешно управуваше со неколку големи кризи и стана еден од најмоќните светски политичари и лидери.
Шеесет и седумгодишната Меркел ги брои последните часови на функцијата, во очекување денеска да му ја предаде на социјалдемократот Олаф Шолц, кој во изминатите години беше министер за финансии во нејзината влада.
Меркел, бивша научничка која пораснала во Источна Германија, заминува една недела пред да го собори рекордот на Хелмут Кол (1982-1998) за канцелар со најдолг стаж. Во ерата на Меркел се изменија четворица претседатели на САД и Франција, како и петмина британски и осуммина италијански премиери. Нејзината ера ја обележаа и четири големи предизвици: глобалната финансиска криза, должничката криза во Европа, напливот на бегалци во Европа и пандемијата на коронавирусот.
„Таа несомнено ѝ даде многу мека моќ на Германија и го крена нејзиниот углед во светот. Кога се појави на сцената во 2005, многумина ја потценуваа, но таа растеше заедно со улогата на Германија во светот. Иако се залагаше за европските санкции за Русија поради Украина, таа исто така имаше способност да води дијалог со Путин во името на западот“, вели Суда Дејвид-Вилп, директорот на берлинската канцеларија на Германскиот Маршалов фонд на САД.
Одбиваше да ја означуваат како „лидерка на слободниот свет“, велејќи дека водството никогаш не треба да го има една личност или држава. Сепак, таа се сметаше за клучен лидер за Европската Унија, способна да издејствува договори по маратонски преговори.
„Меркел беше машина за компромиси. Кога преговорите беа блокирани, таа секогаш наоѓаше нешто што нѐ обединуваше за да продолжиме напред“, кажа премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел.
Меркел учествуваше на 107 самити на ЕУ, но признава дека заминува додека ситуацијата во рамките на блокот ја загрижува.
Откако во 2018 објави дека нема да се кандидира за петти мандат, таа не успеа да направи непречен трансфер на власта во својата партија, што резултираше со тежок пораз на последните избори. Сепак, за разлика од своите седуммина поствоени претходници, Меркел заминува по свој избор.
Меркел никогаш не била гламурозен тип на политичар. И додека беше канцеларка одеше на скромни одмори, можеше да се види како пазарува во супермаркет и живееше во истиот стан во Берлин како и пред да дојде на функцијата. Магазинот „Форбс“ десет години по ред ја прогласуваше за најмоќна жена на светот и едно од наследствата на Меркел е што успеа да ја разбие доминацијата на мажите во политиката.