Десетици илјади луѓе излегоа на улиците во Турција откако главниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера и формално беше уапсен и обвинет за корупција. Градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу вчера требаше да биде потврден за претседателски кандидат на Републиканската народна партија (ЦХП) за изборите во 2028.
И покрај апсењето, Имамоглу може да се кандидира за претседател на Турција, но ако биде осуден за кое било од обвиненијата, тоа нема да биде можно. Речиси 15 милиони луѓе вчера гласале за неговата претседателска кандидатура, од кои само 1,6 милиони се членови на ЦХП, додека останатите гласале во знак на солидарност откако партијата постави посебни гласачки кутии за оние кои не се членови.
Како одговор на неговото апсење, Турција ја погодија најголемите протести во изминатите десетина години, при што полицијата употреби солзавец, водени топови и гумени куршуми. Имамоглу кажа дека обвинувањата против него се политички мотивирани и вети дека никогаш нема се потчини.
Голем број луѓе синоќа се собраа пред градското собрание во Истанбул за петтата ноќ протести, кои се регистрирани во најмалку 55 од 81 турска провинција, што е повеќе од две третини од земјата.
„Неправдата со која се соочи мојот сопруг погоди сечија совест“, кажа сопругата на Имамоглу, Дилек Каја Имамоглу.
Имамоглу беше приведен во средата заедно со уште стотина политичари, бизнисмени и новинари, а формално беше уапсен вчера, кога беше обвинет за „основање и водење на криминална организација, земање поткуп, изнуда, незаконско снимање лични податоци и за местење тендер“. Тој е суспендиран од градоначалничката функција и останува во притвор во очекување на судење.
„Ова е црна дамка на нашата демократија“, напиша Имамоглу на Икс и ги повика луѓето низ земјата да излезат на протести.