Градскиот совет на Минеаполис ја изгласа одлуката за расформирање на локалниот полициски оддел, што се смета за пресвртна точка во речиси двонеделните национални протести, кои почнаа по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во овој град на 25 мај.
За смртта на Флојд ќе одговараат четворица полицајци: еден за убиство, а тројца за помагање и поттикнување на убиство.
Девет од 13-те локални советници кажаа дека во градот, чија полиција беше обвинета за расизам, ќе биде создаден нов облик на јавна безбедност, откако градоначалникот Џејкоб Фреј досега се спротивставуваше на оваа идеја. За да се спроведе ова, претходно се очекува да се води долга и сложена политичка дебата.
„Јасно е дека постојниот систем на полиција и јавна безбедност не ја одржува нашата заедница безбедна. Нашите напори за постепена реформа очигледно потфрлија“, изјави претседателката на Градскиот совет, Лиза Бендер.
Флојд ќе биде погребан утре на приватна церемонија, а денеска неговото тело ќе биде изложено во Хјустон, каде што се очекува илјадници луѓе да му оддадат почит.