Тејлор Свифт изјави дека е скршена откако една нејзина обожавателка почина пред концертот во Рио де Жанеиро вчера. Американската пејачка ќе одржи шест концерти во Бразил во рамките на својата мегапопуларна турнеја „Ери“.
Како што објавија бразилските медиуми, 23-годишната Ана Клара Беневидес се онесвестила пред почетокот на концертот, претрпувајќи фатален срцев удар. Свифт кажа дека нема да зборува за смртта на концертот.
Трагедијата се случи додека Бразил се соочува со голем топлотен бран, па така и присутните на Олимпискиот стадион „Нилтон Сантош“ биле изложени на исцрпувачки услови. Свифт во еден момент го прекинала концертот за да им се даде вода на фановите.
Иако сѐ уште е пролет во Бразил, опасен топлотен бран погоди големи делови од земјата. Во изминатите денови, во Рио де Жанеиро и Сао Пауло се измерени температури и до 40 Целзиусови степени, а во внатрешноста на земјата рекордни 43 степени.