Три тела се пронајдени додека спасувачите пребаруваат по урнатините на хотел во Турција, во кој во моментот на катастрофалниот земјотрес престојувале млади одбојкарски тимови од турскиот дел на Кипар. Властите кажаа дека од уништениот хотел во Адијаман се извлечени телата на двајца професори и еден ученик.
Во моментот на неговото уривање, во хотелот престојувала група од 39 луѓе, вклучувајќи ги и младите одбојкари и одбојкарки. Тие дошле во Адијаман од колеџ во Фамагуста, придружувани од професори и роднини. Најмладата меѓу нив има 12 години и сè уште се трага по неа.
Познато е дека четворица од групата го преживеале уривањето на седумкатната зграда, откако наводно сами успеале да излезат од урнатините.
Во катастрофалниот земјотрес што во понеделникот ги погоди југоисточна Турција и Сирија досега загинаа над 17.000 луѓе, а непознат број луѓе и натаму е под урнатините и шансите за нивно спасување стануваат сè помали.