Молдавците утре излегуваат на гласачките места не само за претседателските избори, туку и на референдум на кој ќе одлучат дали ја сакаат својата иднина со Европска Унија или со Русија.
Прозападната претседателка Маја Санду се надева дека ќе ја продолжи својата агенда со освојување втор мандат и со обезбедување „да“ на референдумот, за да се потврди пристапот кон ЕУ како неповратна цел во уставот. Од отцепувањето од Советскиот Сојуз, Молдавија водеше и прозападна и проруска политика, но под водство на Санду ги забрза напорите да се ослободи од руското влијание среде војната во Украина.
Анкетите велат дека Санду ќе победи во првиот круг и дека 65% Молдавци го поддржуваат пристапувањето кон ЕУ. Сепак, Санду и нејзините сојузници предупредуваат дека врз исходот на изборите би можеле да влијаат широка кампања на купување гласови и руско ширење дезинформации. Тие го обвинуваат избеганиот проруски бизнисмен Илан Шор, кој е гласен противник на ЕУ, дека води дестабилизирачка кампања од Москва.
Минатиот месец, Шор и Москва беа обвинети дека развиле шема за поткупување 130.000 Молдавци, што е речиси 10% од гласачкото тело, за да гласаат против ЕУ на референдумот и во полза на прорускиот противник на Санду.
Санду доби голем поттик кога ЕУ во јуни ги отвори пристапните преговори со Молдавија, но многумина остануваат скептични дека земјата е способна да ги спроведе неопходните демократски и судски реформи.