Монголските власти имаат обврска да го уапсат Владимир Путин ако тој ја посети земјата следната недела, објави Меѓународниот кривичен суд (МКС). Путин треба да ја посети Монголија во вторник, што ќе биде негово прво патување во земја која го почитува МКС откако тој нареди негово апсење во март 2023.
Судот смета дека Путин е одговорен за воени злосторства, велејќи дека не спречил незаконски депортации на деца од Украина во Русија од почетокот на војната. Кремљ кажа дека не е загрижен за посетата и не очекува Путин да биде уапсен.
„Имаме одличен однос со нашите партнери од Монголија. Се разбира, сите аспекти од посетата ќе бидат внимателно подготвени“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Портпаролот на МКС, Фади ел-Абдалах, кажа дека судот се потпира врз државите-членки да ги спроведат неговите одлуки.
„Како потписничка на МКС, Монголија има обврска да соработува. Тоа вклучува и почитување на налозите за апсење, како оној што судот го издаде за Владимир Путин во 2023“, кажа Ел-Абдалах.
Минатата година, Путин ја откажа посетата на Јужна Африка, иако нејзиниот претседател Рамафоса кажа дека неговото апсење би било сфатено во Русија како прогласување војна.