Рускиот Фонд за директни инвестиции очекува бројни американски компании да се вратат во Русија уште во второто тримесечје од оваа година, изјави неговиот шеф Кирил Дмитриев, кој беше дел од руската делегација на разговорите со САД во Саудиска Арабија.
По почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022, голем дел западни компании ја напуштија Русија, а некои дури ги продадоа своите бизниси со големи попусти. Откако се врати во Белата куќа, Доналд Трамп ја промени политиката кон Русија и нареди да почнат мировни разговори за Украина, а на вчерашните разговори во Ријад беше договорено да се обноват дипломатските мисии во двете земји.
„Очекуваме бројни американски компании да се вратат на рускиот пазар во второто тримесечје на 2025. Сепак, враќањето нема да биде лесно зашто некои сегменти се веќе преземени“, изјави Дмитриев, бивш инвестициски банкар кој студираше на Харвард и Стенфорд.
Според Дмитриев, американските компании изгубиле 324 милијарди долари поради заминувањето од Русија. Тој смета дека големите американски нафтени компании ќе се вратат во Русија во еден момент.
Откако западот воведе обемни санкции за Русија, нејзината економија брзо реагираше за да ги заобиколи ограничувањата и домашните производители го презедоа пазарниот удел што претходно го држеа некои големи меѓународни компании. Поранешниот американски претседател Џо Бајден кажа дека сакал да ја притисне руската економија, иако таа покажала побрз раст од САД и Европска Унија во 2023 и 2024 година.