Доналд Трамп му постави нов, поскратен рок на Владимир Путин да прифати прекин на огнот со Украина, изразувајќи ја својата фрустрираност од продолжувањето на војната.
„Новиот краен рок за Путин е 10 до 12 дена. Разочаран сум од претседателот Путин. Ќе ги намалам првичните 50 дена што му ги дадов на помала бројка зашто мислам дека веќе го знам одговорот што ќе се случи“, кажа Трамп на средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Шкотска.
Тој додаде дека многупати зборел со Путин и добро се сложува со него, но не му се допаѓа што ракетира украински градови и убива луѓе. Притоа ја отфрли можноста за средба со рускиот претседател.
„Доста ми е од зборење“, рече тој.
Трамп, кој во кампањата повторуваше дека може да ја реши војната за еден ден, кажа дека во пет наврати бил блиску до постигнување договор со Путин, но конечен договор засега не е на повидок.
Во почетокот на овој месец, Трамп ја промени реториката и му постави ултиматум на Путин да прифати прекин на огнот во рок од 50 дена или ќе се соочи со многу сериозни економски санкции. Неговите закани беа прифатени со олеснување во Москва, додека руските сили продолжуваа да напредуваат на фронтот.