Доналд Трамп изјави дека му забранил на Израел да го бомбардира Либан, откако денеска во сила стапи десетдневно примирје помеѓу израелските сили и Хезболах.
„Израел повеќе нема да го бомбардира Либан. Тоа му е забрането од САД. Доста беше“, кажа Трамп.
Набргу потоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека Израел сѐ уште не завршил со Хезболах.
„Израел се согласи на привремен прекин на огнот во Либан на барање на Трамп, што му даде можност на Израел да промовира комбинирано политичко и воено решение со либанската влада. Тоа е како една рака да држи оружје, додека другата е испружена за мир“, рече Нетанјаху.
Хезболах соопшти дека ќе продолжи „да го држи прстот на чкрапалото во случај на какво било предавство од Израел“ за време на тековниот десетдневен прекин на огнот. Проиранската група не беше вклучена во разговорите за прекин на огнот, туку Израел преговараше со либанската влада. Иран го поздрави прекинот на огнот во Либан, опишувајќи го како дипломатски успех и резултат на отпорот на Хезболах, па денеска целосно го отвори Ормускиот Теснец.



