Температурна разлика од 106 Целзиусови степени е забележана денеска на две екстремни точки на Земјата. И додека Австралија се соочува со некои од најжешките денови во поновата историја, во Русија во исто време е измерен длабок минус.
Во Дељанкир, во Ојмјаконска област на далечниот исток на Русија, што е најстудениот населен регион на планетата, температурите паднале до -57,5 степени. Во исто време, на аеродром во Нов Јужен Велс во Австралија биле измерени 48,3 степени, додека на многу други места низ земјата биле регистрирани 45 степени. Рекордно висока температура во Австралија од 50,7 степени била измерена на 2 јануари 1960.
Австралиските власти велат дека земјата периодов поминала низ пет од десетте најтопли денови откако се почнати официјални мерења. Просечната национална температура се движи околу 40 степени, а во градот Нуна во Нов Јужен Велс е забележана рекордно висока ноќна температура од 35,9 степени.
„Актуелниот топол бран е на нивото на оној од 2013 година, кој беше најдолг забележан во Австралија досега. И претходно се случувало ова, но никогаш не била погодена вака голема област“, вели метеорологот Блер Тревин.