Странски спасувачки тимови почнаа да пристигнуваат во Мјанмар за да помогнат во потрагата по преживеани на силниот земјотрес, во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе во оваа сиромашна земја од Југоисточна Азија.
Воената влада објави дека трагичниот биланс засега е 1.002 мртви, а над 2.300 се повредени. Најмалку девет луѓе починаа и во Тајланд, каде што исто така се почувствува земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, чиј епицентар беше во Мјанмар. Во Бангкок се урна 33-катна зграда во изградба, при што 49 луѓе и натаму се водат како исчезнати.
Геолошкиот институт на САД процени дека во Мјанмар би можело да има над 10.000 загинати и дека загубите би можеле да го надминат годишното економско производство на земјата. Воената хунта на Мјанмар кажа дека земјотресот уништил мостови, згради и патишта, при што водечкиот генерал упати редок повик за меѓународна помош.
Кина, Русија, Индија, Сингапур и Малезија почнаа да испраќаат помош и персонал во Мјанмар, каде што владее хаос по пучот што го изврши војската во 2021. Помош најавија и Јужна Кореја и САД.
Земјотресот погоди големи делови од Мјанмар, вклучувајќи области кои не се под контрола на воената хунта. Најголемиот дел од жртвите се во Мандалеј, вториот по големина град во земјата.
Во Бангкок, оддалечен 1.000 километри од епицентарот на земјотресот, продолжува потрагата по заробените работници под урнатините на недовршената административна зграда. Властите велат дека се заробени најмалку 30 луѓе, од кои 15 покажуваат знаци на живот.
„Нема да се откажеме од овие луѓе, ќе ги искористиме сите можни средства“, кажа гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт, додавајќи дека општата состојба во градот се подобрува.