Ден откако над 120 луѓе загинаа во стампедо на верски настан во индиската држава Утар Прадеш, семејствата на некои од жртвите сѐ уште ги бараат своите сакани. Трагедијата се случи на масовен хиндуистички фестивал организиран од самопрогласениот проповедник Боле Баба, против кого е покрената истрага.
Ова е една од најголемите несреќи од ваков вид во Индија по долги години. Полицијата кажа дека најголем дел од 121 загинат се жени и деца.
„Откако молитвата заврши, Боле Баба тргна да си оди. Стотици жени се стрчаа по неговиот автомобил за да земат земја по која поминале гумите како начин да добијат негов благослов. Некои трчаа преку улицата за да добијат подобар поглед на автомобилот. Во таа гужва, многу жени паднаа во одводниот канал покрај патот и луѓето почнаа да паѓаат едни врз други“, раскажа еден очевидец.
Властите кажаа дека дале дозвола 80.000 луѓе да се соберат на настанот, но се појавиле околу 250.000. Очевидци кажаа дека немало доволно обезбедување за регулирање на така голем настан.
Малку се знае за проповедникот Боле Баба, но локални луѓе велат дека бил многу популарен во регионот и дека води хуманитарна организација.