Повеќе од 100 делегации од целиот свет пристигнуваат во Рим за да му оддадат почит на папата Фрањо, кој почина во понеделникот на 88 години. Погребот ќе се одржи утре претпладне.
Меѓу оние кои го потврдија присуството се претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, но најголемото внимание го предизвикува доаѓањето на претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Досега се потврдени 130 странски делегации, што вклучува 50 шефови на држави, претставници на десет кралски семејства и бројни премиери, министри и амбасадори.
Нивното доаѓање за погребот ќе биде и огромен безбедносен предизвик за италијанските власти. Над Рим е воведена 24-часовна забрана за летање, борбени авиони се ставени во состојба на готовност, а полициски снајперисти се распоредени на покривите на зградите долж авенијата која води кон плоштадот Свети Петар во Ватикан. Полицијата веќе патролира по улиците околу Ватикан, подземната железница и реката Тибер.
„Најсложениот аспект е доаѓањето на толку многу делегации од целиот свет, кои ќе бидат во Рим во ист момент“, изјави шефот на римската полиција Роберто Масучи.
Околу 2.000 полицајци ќе бидат на должност, заедно со илјадници припадници на останатите безбедносни служби. Улиците околу Ватикан утре ќе бидат затворени за сообраќај.
Се очекува околу 200.000 луѓе да присуствуваат на утрешниот погреб, што почнува во десет часот на плоштадот во Ватикан. Последното почивалиште на папата, сепак, ќе биде надвор од Ватикан, во базиликата „Голема Богородица“.