Повеќе од 2.000 луѓе загинаа, а над 9.000 се повредени во најсилниот земјотрес што го погоди Авганистан во последните години, објави талибанската управа. Бројките значително пораснаа во текот на ноќта, откако претходно беше објавено дека загинале 500 луѓе.
Епицентар на земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала бил 40 километри северозападно од градот Херат, соопшти Американската геолошка служба. Талибанските власти потврдија дека има 2.053 мртви и 9.240 повредени, а уништени се најмалку 12 села близу Херат, кој е оддалечен 120 километри од иранската граница и важи за културен центар на Авганистан.
„Повеќе од 200 мртви се донесени во болниците, најголем дел од нив жени и деца. Тела се носат и на други места“, изјави функционер од здравствениот оддел на Херат.
Во земја со крајно неадекватни медицински капацитети, болниците се мачат со третирањето на повредените, па Обединетите нации и други организации побрзаа да испратат помош.
Авганистан е подложен на земјотреси, особено во планинскиот венец Хинду Куш, во чија близина се спојуваат евроазиската и индиската тектонска плоча.