Повеќе од 20 луѓе кои беа на летот на „Сингапур ерлајнс“ што пред два дена беше погоден од силна турбуленција остануваат на интензивна нега во болницата во Бангкок, каде што авионот принудно слета. Меѓу нив е и едно мало дете.
Директорот на болницата Адинун Китиратанапаибол изјави дека 40 лица и натаму се хоспитализирани, од кои 22 имаат повреди на главата или на рбетот, но никој од нив не е во животна опасност.
„Највозрасниот пациент има 83, а најмладиот две години. Меѓу повредените има државјани на Велика Британија, Австралија, Малезија и Филипини. Едно лице е во критична состојба, но стабилно“, додаде тој.
Еден 73-годишен патник од Велика Британија почина за време на инцидентот, веројатно од срцев удар.
„Боинг 777-300“ со 211 патници и 18 членови на екипажот, кој летал од Лондон до Сингапур, бил погоден од ненадејна, екстремна турбуленција додека бил над Индискиот Океан на височина од 11.300 метри. Патници од авионот раскажаа дека авионот наеднаш се кренал, по што нагло паднал, па оние кои не носеле сигурносен појас моментално биле лансирани во таванот на авионот, удирајќи со главите во кабините за багаж.