Набљудувачките летови над Вајт Ајленд во Нов Зеланд, каде што денеска еруптираше вулкан, не пронајдоа преживеани, објави полицијата.
Се верува дека во моментот на ерупцијата на островот имало до 50 луѓе и 23 се спасени. Досега е потврдено дека има петмина загинати. Полицијата кажа дека не верува дека некој жив сѐ уште може да биде евакуиран од островот.
Група туристи беше видена во кратерот на вулканот непосредно пред ерупцијата.
„Според информациите што ги имаме, не веруваме дека има преживеани на островот“, соопшти полицијата.
Вајт Ајленд, кој е во приватна сопственост, е најактивниот вулкан во Нов Зеланд, но и покрај тоа, туристи често го посетуваат.
Нови спасувачки операции во областа моментално не се можни поради опасност од нови ерупции.
Има малку информации за луѓето кои се водат како исчезнати, но полицијата кажа дека меѓу нив има и домашни и странски туристи. Некои од нив пристигнале со крузер на компанијата „Ројал Карибијан“, кој тргнал од Сиднеј минатата недела.
На 3 декември, сајтот за следење на геолошки опасности „ГеоНет“ објави дека „вулканот можеби влегува во период кога би можел да биде поактивен од обично, но дека засега тоа не претставува опасност за посетителите“.