Повеќе од 250 луѓе се убиени на транс фестивалот НОВА во јужен Израел, на кој вчераутро упаднаа милитантите на Хамас, пукајќи во посетителите. Ова го објави организацијата за потрага и спасување „Зака“, која кажа дека толку тела биле собрани од местото на кое се одржуваше фестивалот, а кое се наоѓа неколку километри од границата со Газа.
Фестивалот НОВА требаше да биде ноќ на прослава на еврејскиот празник Сукот, кога во 6:30 часот почнал ракетен напад од Газа. Половина час подоцна, настанал целосен хаос, откако стотици посетители почнале да бегаат додека милитантите на Хамас пукале кон нив. Одреден број посетители биле земени и како заложници.
Снимки од местото на масакрот прикажуваат колона запалени возила на патот по кој посетителите бегале од напаѓачите.
„Сфативме дека нешто се случува кога слушнавме сирени за тревога. Слушнавме истрели, а потоа ја исклучија струјата и одеднаш од никаде се појавија вооружени луѓе кои пукаа во сите насоки“, изјави една посетителка.
Додека луѓето бегале преку пустината за да стигнат до своите возила, се појавиле џипови полни со напаѓачи кои почнале да пукаат во автомобилите, додаде таа.