НАД 33.000 ЗАГИНАТИ ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ТУРЦИЈА И СИРИЈА, ЖЕНА СПАСЕНА ОД УРНАТИНИТЕ ПО 170 ЧАСА

    НАД 33.000 ЗАГИНАТИ ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ТУРЦИЈА И СИРИЈА, ЖЕНА СПАСЕНА ОД УРНАТИНИТЕ ПО 170 ЧАСАНепознат број луѓе и натаму е под урнатините (Фото: АП)

    Измина една недела од катастрофалниот земјотрес во југоисточна Турција и Сирија, а бројот на загинати порасна на повеќе од 33.000, што ни оддалеку не е конечно. Непознат број луѓе и натаму е под урнатините, а вестите за чудесни спасувања стануваат сè поретки.

    Четириесетгодишна жена беше извлечена жива од урнатините на зграда во провинцијата Газијантеп, 170 часа откако првиот моќен земјотрес го погоди регионот, донесувајќи незамисливи уништувања. Спасувачите велат дека оствариле контакт со тројца преживеани во Караманмараш, за кои се верува дека се мајка, ќерка и бебе.

    Експертите велат дека стапката на преживување пет дена по земјотрес е само 6%. Сепак, спасувачите од цел свет не се откажуваат.

    Вчера беше спасено петгодишното девојче Емина во Коџаели, а десетгодишната Чудие беше извлечена од тешко оштетена зграда во провинцијата Хатај, во која била заробена 147 часа.

    Во Сирија, земјотресот најтешко го погоди северозападниот дел од земјата, кој е под контрола на бунтовниците. Овој регион досега прими значително помалку помош од областите што ги контролира владата во Дамаск.

    Досега ги изневеривме луѓето во северозападна Сирија. Тие со право се чувствуваат напуштено“, изјави шефот за хуманитарна помош во Обединетите нации, Мартин Грифитс.

    ОН се надеваат дека доставата на помош ќе се забрза откако ќе се отворат уште две гранични точки помеѓу Турција и бунтовничкиот дел на Сирија.

    Според последните информации, во Турција загинаа 29.605 луѓе, како и над 3.500 во Сирија, која веќе два дена не објавила нови бројки. Во турските болници лежат и 80.000 повредени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира