Повеќе од 50 луѓе се убиени во израелски воздушен напад на бегалски камп во Газа, додека израелските сили ја прошируваат својата копнена операција и се имаат соочено со палестинските милитанти во огромната мрежа подземни тунели во енклавата.
Директорот на Индонезиската болница во Газа кажа дека над 50 Палестинци загинале, а 150 се ранети во напад на густо населениот бегалски камп Џабалија во северна Газа. Снимките од местото на нападот покажуваат дека дел од кампот е срамнет со земја.
„Десетици луѓе и натаму се под урнатините по ѕверскиот израелски напад, чија цел беше голема област на домови во кампот Џабалија“, соопшти министерството за здравство на Газа, со која управува Хамас.
Израелските тенкови и пешадија напаѓаа влезови во тунели и позиции за лансирање проектили во последните судири со Хамас околу градот Газа и на нејзиниот југ. Израел верува дека палестинските милитанти држат околу 240 заложници во тунелскиот комплекс, што го користат како свој заповеден и контролен центар.
Извештаи од терен велат дека израелските сили навлегле во северни населби на градот Газа и дека оклопни возила се забележани на двете главни патишта кои ги поврзуваат северот и југот на појасот.