„НАДЕЖТА СТАНА РЕАЛНОСТ“ – КОИ СЕ НУРКАЧИТЕ ШТО УЧЕСТВУВАА ВО СПАСУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА ОД ПЕШТЕРИТЕ

    „НАДЕЖТА СТАНА РЕАЛНОСТ“ – КОИ СЕ НУРКАЧИТЕ ШТО УЧЕСТВУВАА ВО СПАСУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА ОД ПЕШТЕРИТЕВо спасувачката акција учествуваа нуркачки експерти од десетина земји од целиот свет (Фото: АФП)

    Заповедникот на тајландските маринци изјави дека „надежта стана реалност“, откако сите 12-мина момчиња и нивниот фудбалски тренер беа извадени од пештерите по тридневна спасувачка операција, во која учествуваше меѓународен тим нуркачи.

    „Во почетокот имавме малку надежи дека тие ќе бидат пронајдени живи, но моравме да го направиме тоа. Ние мора да работиме и кога има и најмала надеж“, кажа адмиралот Арпакорн Јуконгкаев.

    Тројца тајландски маринци и лекар волонтираа да останат со децата цело време откако беа пронајдени и тие последни излегоа надвор (Фото: Фејсбук)

    Групата исчезна на 23 јуни и беше лоцирана по девет дена, по што во неделата беше дадено зелено светло да се почне со високоризичната мисија на нивно извлекување.

    Тајландските власти кажаа дека тие преживеале пиејќи вода која се слевала по ѕидовите од пештерите.

    „Моментално, тие се во болница, кадешто им се дава медицинска и психолошка помош, но сите се добро. Сите загубиле на тежина и ќе мора да останат во болница уште седум дена. Првите четири спасени деца веќе беа посетени од нивни семејства“, кажаа властите.

    Во спасувањето на децата и нивниот тренер учествуваа голем број странски нуркачки експерти, кои соработуваа со тајландските маринци, од кои 38-годишниот Саман Гунан почина, откако остана без кислород на враќање од пештерите.

    Тројца неименувани маринци, заедно со лекар, волонтираа да останат со групата под земја цело време откако беа пронајдени и тие последни излегоа од пештерите.

    Британците Ричард Стентон и Џон Волантен се нуркачите кои први ги пронајдоа децата и чии гласови се слушаат на снимката. Тие беа повикани од тајландските власти да помогнат, заедно со експертот за пештери Роберт Харпер.

    Ричард Харис е лекарот од Австралија кој прв ги прегледал децата во пештерите и кој дал одобрение да се почне со акцијата, заклучувајќи дека се физички доволно подготвени.

    Дел од тимот беа и експерти од Белгија, Данска, Србија, Финска и Канада.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари