НАЈБОГАТИОТ УКРАИНЕЦ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГО ОБНОВИ МАРИУПОЛ

    НАЈБОГАТИОТ УКРАИНЕЦ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГО ОБНОВИ МАРИУПОЛМариупол веќе седум недели е изложен на жестоки руски бомбардирања (Фото: АФП)

    Најбогатиот човек вo Украина, Ринат Ахметов, вети дека ќе помогне да се обнови опколениот град Мариупол, кој од почетокот на руската инвазија е изложен на интензивни бомбардирања. Ахметов поседува две големи челичарници во градот, за кои вели дека повторно ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар.

    „Убеден сум дека нашите храбри војници ќе го одбранат градот, иако знам во колку тешка ситуација се наоѓаат. Мариупол е светска трагедија и глобален пример за херојство. За мене, Мариупол секогаш бил и ќе остане украински град“, кажа Ахметов.

    Неговата компанија „Метинвест“ е сопственик на челичарниците „Илич“ и „Азовстал“, кои важат за едни од последните упоришта на украинските борци во Мариупол, кој е срамнет со земја како резултат на седумнеделните бомбардирања и ракетирања. „Метинвест“ соопшти дека никогаш нема да оперира под руска окупација и дека опсадата на Мариупол сопрела повеќе од една третина од металуршкото производство во Украина.

    „Кога ќе заврши војната, ќе ја обновиме целата Украина. Мојата амбиција е да се вратам во украинскиот Мариупол и да спроведам нови производствени планови“, изјави Ахметов, додавајќи дека постојано се наоѓа во земјата од 23 февруари.

    Според „Форбс“, богатството на Ахметов било проценето на 15,4 милијарди долари во 2013, а денес изнесувало 3,9 милијарди.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира