Светски лидери почнаа да му честитаат на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД, иако таа сѐ уште не е официјално потврдена. На Трамп му недостигаат уште четири електорски гласа за да биде избран за претседател и Камала Харис има невозможна задача да го надмине. Се чекаат резултатите од уште седум сојузни држави.
Честитајќи му на Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека е подготвен да работи со него.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја опиша победата на Трамп како најголемиот камбек во историјата.
„Вашето историско враќање во Белата куќа нуди нов почеток за Америка. Ова е голема победа“, напиша Нетанјаху на Икс.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја поздрави „прекрасната победа“ на Трамп.
„Добро утро Унгарија! На пат кон прекрасна победа, во торбата е“, кажа Орбан.
Се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ја ценам посветеноста на претседателот Трамп кон пристапот ‘мир преку сила‘ во глобалните работи. Токму тоа е принципот што практично може да ја приближи Украина до мир“, напиша Зеленски на Икс.
Во предизборната кампања, Трамп ветуваше дека ќе ја заврши војната во Украина на својот прв ден во Белата куќа, иако не кажа како.
И британскиот премиер Кир Стармер ја опиша победата на Трамп како историска.
„Како најблиски сојузници, ние стоиме рамо до рамо во одбрана на нашите заеднички вредности на слобода, демократија и претприемништво“, изјави Стармер.