Русија се закани со сериозна казна откако најмалку 14 луѓе загинаа, а над 100 се повредени во денешното бомбардирање на центарот на Белгород, што е најсмртоносниот напад на руската територија од почетокот на војната во Украина. Тој уследи само ден по она што Киев го нарече најсилниот руски ракетен напад на Украина досега, во кој загинаа најмалку 39 цивили.
Регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков изјави дека е погодена станбена област во градот Белгород и дека меѓу загинатите се и две деца. Белгород е оддалечен околу 80 километри од Харкив.
Руското министерство за одбрана соопшти дека во нападот биле користени украински ракети „вилха“ и ракети „вампир“ од чешко производство, наполнети со касетна муниција.
„Противвоздушната одбрана ги пресретна сите истрелани проектили и најголем дел од ракетите. Сепак, неколку ракети и делови од касетната муниција го погодија градот Белгород, како резултат на што загинаа најмалку 12 возрасни и две деца. Ова злосторство нема да помине неказнето“, соопшти министерството.
Извор од рускиот Истражувачки комитет изјави дека нападот бил изведен од харкивскиот регион, при што биле погодени централниот плоштад, трговски центар, станбена зграда и приватни автомобили.
Киев досега не го коментираше нападот, додека извори од украинското разузнавање кажаа дека биле лансирани повеќе од 70 дронови кон руски воени цели. Руските власти претходно кажаа дека биле соборени 32 дронови над регионите Брјанск, Орјол, Курск и Москва.