Најмалку 15 лица загинаа, а 18 се повредени откако вагон на познатиот стар трамвај „Глорија“ во Лисабон излета од шините, соопштија службите за итни случаи. Португалските служби за итна медицинска помош соопштија дека петмина од повредените се во сериозна состојба. Останатите тринаесет, меѓу кои и едно дете, добиле полесни повреди. Претходно беше речено дека неколку лица биле заробени на местото на несреќата, но сите се ослободени, соопштија властите.
Градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас, напиша на социјалните мрежи: „Лисабон е во жалост. Ова е трагичен момент за градот“.
Не е јасно колку луѓе имало во вагонот во времето на несреќата, што се случи во близина на Авенида да Либердаде околу 18:05 часот вечерва. Не е познато дали загинатите се португалски државјани или странци. Снимките што се споделуваат на социјалните мрежи покажуваат дека светложолтиот вагон е превртен и речиси целосно уништен. Може да се видат луѓе како бегаат од областа пеш, додека воздухот се исполнува со чад.
Властите во Лисабон велат дека е прерано да се утврди причината за овој инцидент. Сепак, португалскиот весник „Обсервадор“ објави дека сајла се олабавила по трасата на пругата, поради што вагонот ја изгубил контролата и удрил во блиската зграда.
Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза издаде соопштение во кое изразува „сочувство и солидарност со семејствата погодени од оваа трагедија“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, им упати сочувство на семејствата на жртвите.
Трамвајот „Глорија“ е една од најпознатите знаменитости и туристички атракции во Лисабон, составен е од вагони на шини што ги влече сајла угоре и ги спушта надолу. Бил пуштен во 1885 година и електрифициран три децении подоцна. Препознатливите жолти возила се клучен дел од ридестиот Лисабон. Тие возат по многу од калдрмисаните улици. Трамвајот што излета се качува околу 275 метри од Рестаурадорес, плоштад во средината на Лисабон, до живописните, калдрмисани улици на областа наречена Баиро Алто – или висока населба – за само три минути.
Трамвајот, како и другите жични железници, ги користат жителите на Лисабон, но исто така се исклучително популарни и кај туристите – а на крајот од летото, градот е многу прометен. Лисабон минатата година имаше околу 8,5 милиони туристи, а трамвајот е популарна атракција и долги редици туристи чекаат за кратко возење со него.