Полицијата на Луистон во американската сојузна држава Мејн трага по напаѓач кој доцна синоќа убил најмалку 16 луѓе. На жителите на градот, како и на соседниот Лизбон им е кажано да бидат на безбедно.
Напаѓачот е идентификуван како 40-годишниот Роберт Кард, кого полицијата го опиша како опасен и вооружен. За ситуацијата е известен и претседателот Џо Бајден.
Според повеќе непотврдени извештаи, во масовното пукање се ранети најмалку 50 луѓе.
„Во целиот град се слушаа сирени за тревога и хеликоптери. Дојде полиција од целата држава. Целиот град е затворен. Ужасно е“, изјави Били Џејн Крук, која го води градскиот совет на Луистон.
Бројот на загинати засега не е официјално потврден и варира од 16 до 22, според различни извори.
Државната полиција на Мејн објави на Икс дека во градот и натаму има активен напаѓач и ги повика жителите да останат во затворено. Таа соопшти дека имало пукање на две локации, прво во ресторан, па во кугларница, кои се меѓусебно оддалечени околу 6,5 километри.
Во полицискиот извештај е наведено дека Корд е инструктор по оружје кој бил обучуван од американската војска во воената база во градот Сако. Тој летоска бил сместен во центар за ментално здравје откако се заканил дека ќе пука во базата.