Вооружен напаѓач маскиран во полицаец уби најмалку 16 луѓе во рурален дел на Канада, во најсмртоносното масовно пукање во историјата на земјата.
Дванаесетчасовниот поход завршил со бркотница со автомобили, при што напаѓачот бил убиен во судир со полицијата. Тој убил луѓе на неколку локации во провинцијата Нова Шкотска, најчесто пукајќи без цел. Властите и натаму се обидуваат да го утврдат конечниот трагичен биланс на пукањето. Меѓу убиените е и полицајка со 23 години во службата.
Комесарката на Канадската кралска полиција Бренда Лаки изјави дека се верува дека напаѓачот тргнал во поход со одредена цел, а потоа почнал да пука на памет. Канадскиот премиер Џастин Трудо го опиша нападот како „ужасна ситуација“.
Полицијата на Нова Шкотска подоцна го идентификуваше напаѓачот како 51-годишниот Габриел Вортман, кој не бил вработен во полиција, иако носел полициска униформа и возел нешто што личело на полициски автомобил.
Масовните пукања се реткост во Канада, каде што има построги закони за оружје во споредба со САД. Во 1989 година, 14 луѓе беа убиени во пукањето на колеџ во Квебек.