Спасувачите ја завршија потрагата по преживеани по уривањето на покривот на дискотека во Доминиканска Република, додека бројот на загинати надмина 180. Итните служби пронашле уште 60 тела, со што трагичниот биланс порасна на 184 мртви.
„Исцрпени се сите разумни можности за пронаоѓање уште преживеани. Фокусот сега е на извлекување тела“, изјави Хосе Луис Фромета Херасме, шефот на пожарникарите во главниот град Санто Доминго, каде што се случи несреќата во популарната дискотека „Џет сет“.
Роднините на исчезнатите вчера очајнички чекаа вести пред урнатините на ноќниот клуб, во болниците и пред локалната мртовечница. Над 300 спасувачи, помогнати од кучиња-трагачи и пожарникари од Порторико и Израел, два дена пребаруваа низ купиштата тули, челични шипки и лимови. Снимки од воздух покажуваат огромна дупка таму каде што некогаш беше покривот на дискотеката, која половина век била централно место на ноќниот живот во Санто Доминго.
Над 500 луѓе се повредени во несреќата која се случи пред два дена во еден часот по полноќ, на концертот на популарниот пејач Руби Перес. Тој исто така е меѓу починатите, како и двајца поранешни бејзбол играчи со кариери во американската МЛБ. Локалните медиуми објавија дека во дискотеката имало меѓу 500 и 1.000 луѓе.