Најмалку 24 луѓе загинаа во повеќе пожари кои продолжуваат да пустошат низ југоистокот на Јужна Кореја. Властите кажаа дека најголемиот дел од жртвите се во 60-ти и 70-ти години и дека 12 од повредените се во критична состојба. Повеќе од 23.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
„Досега невидената криза и натаму е во критична фаза. Ова се најлошите шумски пожари во историјата на земјата“, изјави привремениот претседател на Јужна Кореја, Хан Дук-со.
Во пожарот изгоре и 1.300 години стариот храм Гоунса во градот Уисеонг, иако повеќето вредни предмети што биле внатре навреме биле однесени на безбедно.
Пожарите почнале во петокот попладне и бргу се ширеле благодарение на силни и суви ветрови. Ли Бјунг-до од Националниот институт за шумарство кажа дека пожарот во округот Уисеонг се шири со незамислива брзина. Во гаснењето учествуваат илјадници пожарникари и 5.000 војници, како и воени хеликоптери. Властите прогласија криза од највисок степен.
Шумските пожари во Јужна Кореја се невообичаени и ретко има жртви. Актуелните пожари се веќе најсмртоносни во историјата на земјата.