Најмалку 33 лица, меѓу кои и бебе и повеќе деца, загинаа во бродолом, откако потона брод со мигранти на источниот брег на регионот Калабрија во Италија, соопшти агенцијата АНСА. Дваесет и седум тела беа најдени на брегот на Стекато ди Кутро, а другите во морето. Според агенцијата, се очекува да расте бројката на загинати.
„Има повеќе починати лица меѓу мигрантите и 40 преживеани“, соопшти Пожарната служба.
Според новинската агенција Аднкронос, на бродот имало над 100 лица, додека пак агенцијата АГИ, објави дека меѓу загинатите се бебе и повеќе деца. Бродот, кој носеше мигранти од Иран, Пакистан и Авганистан, се удрил во карпи при невреме, објави Аднкронос.
Италија е една од главните места за пристигнување на мигрантите кои се обидуваат да влезат во Европа по морски пат. Таканаречената централна медитеранска рута е позната како една од најопасните во светот.
Според Меѓународната организација за миграција, 20.333 лица загинале или исчезнале во централниот дел на Медитеранот од 2014 година.