Најмалку 37 лица загинаа, а неколкумина се водат како исчезнати откако туристички брод се преврте поради силно невреме во заливот Ха Лонг, популарна туристичка дестинација во северен Виетнам.
Бродот „Вондер Сис“ (Wonder Seas) превезувал 53 лица, повеќето виетнамски семејства од главниот град Ханој, кога бил зафатен од ненадејна бура, соопштија виетнамската крајбрежна стража и морнарицата.
Спасувачите велат дека обилниот дожд ја отежнува потрагата по преживеани, но досега 11 лица се извлечени живи од водата.
Сведок на настанот изјавил дека небото се затемнило околу 14 часот по локално време во саботата, по што следеле „пороен дожд, грмотевици, молњи и град“.
Според локалните медиуми, меѓу спасените е и 10-годишно момче кое било пронајдено во воздушен џеб во превртениот труп на бродот. Најмалку осум од жртвите се деца.
Премиерот Фам Мин Чин изрази сочувство до семејствата на загинатите. Владата соопшти дека ќе ја истражи причината за несреќата и „строго ќе ги санкционира прекршувањата“.
Заливот Ха Лонг е светско наследство на УНЕСКО, познат по стотиците мали острови и во 2019 година привлече четири милиони туристи.