НАЈМАЛКУ 40 МРТВИ И 115 ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ НА НОВОГОДИШНА ЗАБАВА ВО КРАН-МОНТАНА

    НАЈМАЛКУ 40 МРТВИ И 115 ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ НА НОВОГОДИШНА ЗАБАВА ВО КРАН-МОНТАНАДел од внатрешноста на изгорениот бар. (Фото: Швајцарска полиција)

    Најмалку 40 лица загинаа, а околу 115 се повредени во пожарот што избувна за време на новогодишна забава во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана. Трагедијата се случи во барот „Ле Констелејшн“, популарен меѓу туристите, каде во моментот на несреќата имало повеќе од стотина гости. Швајцарската полиција соопшти дека жртвите не можат веднаш да бидат идентификувани поради тешките изгореници, а според првичните информации од министерството, се верува дека пожарот е резултат на несреќен случај, а не на подметнување.

    Полицијата од кантонот Вале потврди дека огнот избувнал околу 1.30 часот по локално време додека присутните ја дочекувале Новата година. Видеоснимките од местото на настанот покажуваат како портокалови пламени се шират од внатрешноста на приземјето, додека се слушаат гласна музика и крици за помош. Сведоци за француските медиуми раскажуваат дека пожарот почнал кога вработена во барот, која била носена на раменици од келнер, со запалена свеќа во шише шампањ го потпалила дрвениот таван. Огнот се проширил за неколку моменти, по што таванот почнал да се урива врз гостите.

    Преживеаните опишуваат застрашувачки сцени на метеж додека луѓето панично се обидувале да се спасат од подрумскиот дел преку тесни скали и само една излезна врата. Други сведоци раскажуваат дека дел од младите кршеле прозорци за да побегнат од чадот, додека родителите во паника пристигнувале со автомобили обидувајќи се да дознаат дали нивните деца се заробени во објектот. Ситуацијата на улицата пред барот била хаотична, со многубројни повредени лица кои лежеле пред објектот додека медицинските екипи се обидувале да им помогнат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира