Венецуела сѐ уште официјално не го објавила бројот на жртви во вчерашниот американски напад, во кој беа заробени претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија. Повикувајќи се на неименуван венецуелски функционер, „Њујорк тајмс“ објави дека загинале најмалку 40 луѓе, вклучувајќи цивили и припадници на вооружените сили.
САД вчера кажаа дека воената акција била внимателно и прецизно планирана неколку месеци токму со цел да се минимизираат цивилните жртви.
„Њујорк тајмс“ објави дека покрај воениот аеродром „Ла Карлота“ во центарот на Каракас, била погодена и трикатна станбена зграда во западниот дел на градот, при што загинала една постара жена.
Покрај Каракас, владата кажа дека имало напади и во покраините Миранда, Арагва и Ла Гваира.
Потпретседателката Делси Родригес, која Врховниот суд ја прогласи за привремена претседателка, вчера изјави дека имало цивилни и воени жртви, без да наведе бројки.
Доналд Трамп откри дека во акцијата немало загинати американски војници, но некои биле повредени.



